Свети Кирил, архиепископ Александриски
По потекло благородник и близок роднина на Теофил, патријархот Александриски, по чијашто смрт самиот беше посветен за патријарх. За време на својот живот водеше три лути борби: со еретиците новацијани, со еретикот Несториј и со Евреите во Александрија. Новацијаните настанаа во Рим, а така се наречени по презвитерот Новацијан, нивниот ересоначалник. Се гордееја со својата добродетел, одеа облечени во бела облека, им забрануваа на другите брак и сметаа дека никој не треба да се моли за оние што извршиле смртен грев ниту да се прими назад во Црквата оној којшто еднаш отпаднал, колку и горко да се кае. Кирил нив ги победи и ги протера од Александрија, нив и нивниот епископ. Борбата со Евреите беше многу потешка и покрвава. Евреите се имаа засилено во Александрија уште од времето кога Александар Велики го основа тој град. Нивната омраза кон христијаните беше бесна и подмолна. Тие ги убиваа христијаните безмилосно и подло, ги труеја, ги распнуваа на крст. По долга и тешка борба Кирил издејствува кај Царот Теодосиј Помладиот да се протераат Евреите од Александрија. Неговата борба против Несториј, патријархот Цариградски, ја реши Третиот Вселенски Собор во Ефес. Со тој Собор претседаваше самиот Кирил, истовремено застапувајќи го и Римскиот папа Целестин, на негова молба, бидејќи тој од старост не можеше да дојде на Соборот. Несториј беше осуден, анатемисан и од царот прогонет на источната граница на царството, каде што и умре со ужасна смрт (зашто црви му го разјадуваа јазикот со којшто Ја хулеше Пресвета Богородица, нарекувајќи Ја Христородица). Откако заврши борбата, Кирил поживеа во мир и ревносно го пасеше стадото Христово. Се престави кај Господ во 444 година. Се вели дека тој ја составил „Богородице Дево, радувај се! “
Тропар
На Православието наставнику, на побожноста и на чистотата учителу, на вселената светилнику, на архиереите боговдахновен украсу, Кириле премудри, со твоите учења си ги просветил сите! Духовен кавалу, моли Го Христа Бога, да ги спаси душите наши.
Кондак
Блажени Кириле, ти си ни излеал бездна од богословски учења од изворите на Спасителот, кои ги потопуваат ересите, и го спасуваат стадото неповредено од брановите, бидејќи се покажа јасно како наставник на сите, преподобен.
Свети Кирил Белоезерски
Роден и воспитан e во Москва во куќа на големци. Се замонаши во Симоновиот манастир, каде што со подвигот ги восхитуваше сите други монаси. За да ги скрие своите добродетели, се правеше јуродив. Имаше разговарано со самиот Свети Сергеј Радоњежски и од него прими многу корисни поуки. Беше избран за игумен на манастирот наспроти неговата желба. Но постојано ? се молеше на Пресвета Богородица да му го покаже местото каде што би можел да се подвизува во безмолвие. Една ноќ виде голема светлина и чу глас: „Кириле, излези одовде и оди на Бело Езеро!“ И тој навистина излезе од Симоновиот манастир со еден другар, отиде во белоезерските предели и таму, во густата борова шума, почна да се подвизува. Со време пустината се претвори во голема обител. Преподобен Кирил од Бога доби голем дар на чудотворство, па исцелуваше од болести и правеше многубројни други чуда. Се престави во 1429 година во деведесеттата година од животот и отиде кај Господ, Кого сиот свој век Го љубеше со голем жар.
Тропар
Господ, блажен Кириле, ти ги откри тајните на многу срца и искусен лекар те направи на човековите души. Љубовта твоја, поучена од Христа, брза молитва и денес твори за спасение на многумина кои се борат, но и вични станаа на правилата на љубовта.
Свети Алексеј Мечев
Московскиот старец Алексиј Мечев е роден на 30 март 1859 година, во благочестиво семејство на диригент на соборниот Чудов црковен хор. Свети Филарет Московски му го даде името по светиот Алексиј, човек Божји. Добросрдечен, со тивок и мирољубив карактер, во игра со другите деца наеднаш стануваше сериозен, затворајќи се во себе од бучната радост. Иако со голема желба да стане лекар та најплодотворно да им служи на луѓето, од послушност се потчини на мајчината волја и стана свештеник. Подоцна сфати дека го најде својот вистински позив. Како псалт помина тешко искушение. Настојателот на храмот, човек со крут карактер, наложуваше на него преголеми задолженија, се однесуваше грубо, а знаеше и да замавне. Алексиј сè поднесуваше безропотно, не жалејќи се, не барајќи преместување во друг храм. Подоцна Му благодареше на Бога што му беше дал да помине такво школо, а настојателот Георгиј го помнеше како свој учител. Веќе како свештеник, со солзи на благодарност и љубов го спроведе до гробот. Подоцна о. Алексиј велеше: „Два непријатела имаме: ѓаволчето и јаштвото“ - отецот така го нарекуваше самољубието, човековото ‘јас’, кое веднаш штом некој намерно или не ќе го закачне или повреди си ги бара своите права. „Таквите луѓе треба да ги сакаме како добротвори“ - ги поучуваше потоа своите духовни чеда. Во 1884 година се жени со Ана Молчанова и во истата година е ракоположен за ѓакон. Станувајќи служител во олтарот, ѓаконот Алексиј пројавуваше голема простота, смирение и кротост. Во својата жена тој гледаше другар и прв помошник на патот кон Христос, ги ценеше и слушаше пријателските забелешки на сопругата како што послушникот го слуша својот старец. На 1 април 1893 година беше ракоположен за свештеник и назначен на служба во храмот на свети Николај Чудотворец во Маросејка - црквичка со мала парохија, во чија непосредна близина се извишуваа големи, добро посетени храмови. Отец Алексиј, за разлика од другите мали московски храмови, во својата црквичка воведе секојдневна богослужба. Не ја загуби ревноста ниту падна во малодушност иако осум години служеше во празна црква и другите свештеници му велеа дека напразно се труди. Со текот на времето се расчу низ Москва дека во Маросејка може секој ден да се исповедаш и причестиш. Намачените, обременетите со животни проблеми, паднатите луѓе поитаа во црквичката. Од нив се пронесе глас за нејзиниот добар старешина. По смртта на сопругата, праведниот о. Јован Кронштадски го благослови на подвигот на старчество, за кој беше подготвен со многуте години вистински подвижнички живот. „Биди со народот, влези во туѓата мака, земи ја на себе и тогаш ќе видиш дека твојата беда е безначајна во споредба со општата“ - му рече великиот пастир. Отец Алексиј доби од Бога благодатен дар на проѕорливост. Луѓето забележуваа дека му е познат сиот нивен живот, како надворешните случувања, така и внатрешните стремежи, мисли. По своето длабоко смирение секогаш се стремеше да не ја покажува полнотата на тој дар. Совет даваше само еднаш. Доколку советуваниот противречи, настојува на своето, о. Алексиј се повлекуваше од понатамошен разговор, не објаснуваше до што ќе доведе неразумната желба, дури и не го повторуваше првобитно реченото. На луѓето, пак, кои доаѓаа со чувство на покајание и изобилна доверба, тој им укажуваше молитвена помош, застапувајќи се за нив пред Господ за избавување од маките и неволјите. Отецот при храмот отвори основно црковно-парохиско училиште и прифатилиште за сирачиња и деца на сиромашни. Во текот на 13 години беше и вероучител во приватна женска гимназија. Благослови свое духовно чедо да иконописа и на тој начин помогна во возобновувањето на стариот руски иконопис, веќе неколку векови заборавен. Проповедите му беа прости, искрени, не се одликуваа со красноречивост. Кажаното ги трогнуваше срцата со длабочината на верата, справедливоста, сфаќањето на животот. Ги повикуваше своите духовни чеда да се молат на опелата: „Кога ќе застанеш пред Бога, сите тие (покојните) ќе ги кренат рацете за тебе и ти ќе се спасиш“. Бројот на верници во храмот сè повеќе се зголемуваше. Особено после 1917 година, кога отпаднатите од Црквата, после многубројни искусени неволји, притекнаа во храмот со надеж на Божја помош. Се појави немалубројна младина, студенти кои сфатија дека револуцијата место ветените блага донесе нови беди, и тие сега се стремеа да ги усвојат законите на духовниот живот. Во младите свештенослужители, меѓу кои беше и син му Сергеј (свештеномаченик), имаше помошници во вероучењето, беседите, организирањето курсеви за изучување на богослужењето. Но, пред неговата куќичка стоеја бескрајни редици на оние што бараа благослов, совет; бремето му беше сè потешко. Современите оптински подвижници, сега канонизирани Светители, му беа духовни пријатели; московјаните кои доаѓаа кај нив ги праќаа кај светиот старец, нему велејќи му дека во подвигот што ги надминува човечките сили - долгите и ревносни служби, бескрајните редици за исповед и Причест - обилно е поткрепен од Бога. Светиот патријарх Тихон му го довери делото на обединување на московскиот клир. Старецот мирно се упокои на 22 јуни 1923 година. Службите за покојникот и оние што дојдоа да се простат со него беа многубројни. На спроводот до Лазаревските гробишта дојде и светиот Тихон, кој тукушто беже ослободен од затвор. По десет години, кога заради затворањето на „Лазаревски“ останките на о. Алексиј и Ана беа пренесени на други гробишта, се откри дека телото му е нетлено. Многумина притекнуваат на гробот по благодатна помош и ја добиваат. Во 2000 година старецот Алексиј беше причислен кон Соборот на Светите. Моштите му беа пренесени во црквичката на свети Николај во Маросејка. Споменот му се слави на 22 јуни.