9:1-38
1. | Кога одеше, виде еден слеп човек од неговото раѓање. |
2. | Учениците Негови Го прашаа и рекоа: „Рави, кој згрешил? – тој или родителите негови, та се родил слеп?” |
3. | Исус им одговори: „Ни тој, ниту родителите негови згрешиле, туку за да се јават делата Божји врз него. |
4. | Јас треба да ги вршам делата на Оној што Ме прати додека е уште ден; оти настапува ноќ, кога не ќе може никој да работи. |
5. | Дури сум во светот, Јас сум Светлина на светот.” |
6. | Штом го рече тоа, плукна на земја, направи кал со плунката и ги намачка со неа очите на слепиот, |
7. | и му рече: „Отиди и измиј се во бањата Силоам, што значи: »пратен«!” Тој отиде, се изми и дојде прогледал. |
8. | А соседите и оние, што порано го беа гледале како слеп, рекоа: „Зар не е овој што седеше и просеше?” |
9. | Едни велеа: „Тој е”, а други: „Личи на него.” Тој, пак, зборуваше: „Јас сум.” |
10. | Тогаш го прашаа: „Како ти се отворија очите?” |
11. | Тој одговори и рече: „Еден Човек, Кој се вика Исус, направи кал, ми ги намачка очите и ми рече: »Отиди во бањата Силоам и изми се!« Отидов, се измив и прогледав.” |
12. | Му рекоа пак: „Каде е Он?” Тој рече: „Не знам.” |
13. | Тогаш го одведоа кај фарисеите човекот, кој порано беше слеп. |
14. | А беше сабота, кога направи Исус кал и му ги отвори очите. |
15. | Го прашаа, пак, исто така и фарисеите: „Како прогледа?” Тој им одговори: „Ми кладе кал на очите и се измив, и гледам.” |
16. | Тогаш некои од фарисеите рекоа: „Не е од Бога Овој Човек, штом не ја уважува саботата.” Други рекоа: „Како може грешен човек да прави такви чудеса?” И настана расправија помеѓу нив. |
17. | Пак му рекоа на слепиот: „Ти што велиш за Него? Кој ти ги отвори очите?” А тој рече: „Пророк е.” |
18. | Но Јудејците не поверуваа за него дека бил слеп и прогледал, додека не ги повикаа родителите на прогледаниот, |
19. | и ги прашаа: „Дали е овој вашиот син, за кого велите дека се родил слеп?” |
20. | Родителите негови одговорија и им рекоа: „Знаеме дека е овој наш син, и дека се роди слеп; |
21. | но како сега гледа, не знаеме; или, кој му ги отвори очите, не знаеме. Тој е голем; прашајте го него, нека ви каже сам за себе!” |
22. | Ова го рекоа неговите родители, оти се боеја од Јудејците; зашто Јудејците се беа согласиле да биде исклучен од синагогата секој, што ќе Го признае за Христа. |
23. | Затоа и родителите негови рекоа: „Тој е возрасен, него прашајте го!” |
24. | Тогаш повторно го повикаа човекот што беше порано слеп и му рекоа: „Прослави Го Бога; ние знаеме дека Оној Човек е грешен.” |
25. | А тој одговори и рече: „Дали е грешен, не знам; но знам дека бев слеп, а сега гледам.” |
26. | Пак му рекоа: „Што ти направи? Како ти ги отвори очите?” |
27. | Тој им одговори: „Јас ви реков веќе и не чувте, што сакате пак да чуете? Да не сакате можеби и вие да Му станете ученици?” |
28. | А тие го укорија и му рекоа: „Ти си Негов ученик, а ние сме Мојсееви ученици. |
29. | Ние знаеме дека со Мојсеја говорел Бог; а Овој не знаеме од каде е.” |
30. | Одговори човекот и им рече: „Тоа е и за чудење, што вие не знаете од каде е, а мене, сепак, ми ги отвори очите. |
31. | Знаеме дека Бог не слуша грешници: но оној што Го почитува Бога и ја исполнува Неговата волја, него го слуша. |
32. | Откако е веков, не се чуло некој да отворил очи на слепороден. |
33. | И ако Он не беше од Бога, не можеше да направи ништо.” |
34. | Одговорија и му рекоа: „Сиот си во гревови роден, па зар ти нас ќе нe учиш?” И го испадија надвор. |
35. | Исус чу дека го истерале, па како го најде, му рече: „Веруваш ли ти во Синот Божји?” |
36. | Тој одговори и рече: „А кој е, Господи, па да поверувам во Него?” |
37. | Исус му рече: „И си Го видел, и Кој зборува со тебе, Он е.” |
38. | А тој рече: „Верувам, Господи!” И Му се поклони. |