Житие: Светиот свештеномаченик Патрикиј, епископ Бруски, со тројцата презвитери: Акакиј, Меандар и Полиен
Пострадаа за верата Христова во времето на Јулијан Отстапник, во Бруса Азиска. Царскиот намесник Јуниј ги доведе овие светители пред врели води и го запраша Патрикиј: „Кој ги создаде овие лековити води, зарем не нашиот Ескулап и другите, на коишто им се поклонуваме ние?“ Свети Патрикиј му одговори: „Вашите богови се демони, а овие води, како и с ? друго, ги создаде Христос, нашиот Господ и Бог.“ Тогаш намесникот го праша: „А ќе те спаси ли твојот Христос ако јас те фрлам во оваа врела вода?“ Светителот одговори: „Ако сака, Тој ќе ме запази цел и неповреден, иако јас би сакал да се разрешам од овој временен живот за да живеам со Христа вечно; но нека ми биде Неговата Света волја, без која ни влакно не паѓа од главата на човекот!“ Кога го слушна ова, намесникот заповеда Патрикиј да го фрлат во врелата вода. Врели капки прскаа на сите страни и луто ги изгореа мнозина од присутните, но Божјиот светител, на чиј јазик беше непрестајната молитва, остана неповреден како да стоеше во студена вода. Кога го виде ова намесникот се разјари од срам и заповеда на Патрикиј и на тројцата презвитери да им ги отсечат главите со секира. Тогаш овие незлобливи Христови следбеници се помолија и ги положија своите глави под секирата на џелатот. Кога им ги отсекоа главите, нивните души весело се вознесоа во Царството Христово за да царуваат вечно.
Тропар
Мудроста одозгора ја растера безумноста на овој свет, о премудри отче Патрикие, свештеномачениче исповедниче на силата Христова, со поучување многу народ за спасение придоби, но со сведоштво заедно со Акакиј, Менандар и Полиен, вечен живот од Бога измоли. О пастири на Црквата Христова, молете Го Христа Бога, Кој вас ве штитеше со Својата крепка десница, да покаже кон нас милост голема.