Пролог: Преподобен Јустин Ќелиски
 

 

Житие: Преподобен Јустин Ќелиски

Календар, житија, пости
Почеток
 
Благоје Поповиќ, подоцна отец Јустин, е роден во Врање на 7 април (25 март по стар календар) 1894 година, од родителите Спиридон и Анастасија, чии предци водат потекло од македонското Свети Николе. Семејството Поповиќ со генерации било свештеничко, единствено таткото на Благоје бил само клисар. Благоје бил најмладото дете, а имал постар брат Стојадин и сестра Стојна. Како дете често со родителите одел кај светиот Прохор Чудотворец во Пчинскиот манастир и таму стоел на молитва и богослужби, а еднаш бил и личен сведок кога со божествената сила на Светителот неговата мајка Анастасија добила чудесно исцеление од тешка болест. За длабоката побожност на својата мајка и самиот подоцна често кажувал, а од неговите белешки е објавен и потресен запис за блаженото преставување на праведната „слугинка Божја Анастасија – Воскресничка, мојата бесмртна дародавателка“. По завршувањето на Богословијата „Свети Сава“ во Белград, во јуни 1914, Благоје сакал да прими монашки потстриг, на сите отворено велејќи им дека сака целиот свој живот да Му го посвети на Бог, за да биде што поблиску до Него и до својот рано починат брат. Неговите родители се противеле на оваа желба и на сите начини се обидувале да го спречат своето дете да стане монах. За време на Првата светска војна Благоје бил мобилизиран во „ученичката чета“ при Воената болница во Ниш. Подоцна неговата чета заедно со војската и свештенството се повлекла преку Албанија. Пристигнувајќи во Скадар, Благоје го молел патријархот Димитриј да го потстриже. Патријархот го дал својот благослов и Благоје станал монах Јустин, по светиот маченик Јустин Философ (2. век по Христос), голем апологет во историјата на христијанската патристика и значаен философ на христијанството. Тогашната власт ги префрлила со еден стар брод богословите до Бари, а потоа преку Париз тие пристигнале во Лондон, каде што ги прифатил јеромонахот Николај (Велимировиќ). Од Англија, каде што со групата богослови бил привремено сместен, со благослов на српскиот патријарх Димитриј, Јустин се префрлил на Духовната академија во Петроград. Заради немирите кои надоаѓале, богословите во јуни 1916 година биле повлечени назад во Англија. Овде неговиот поранешен професор од Богословијата, светиот Николај (Велимировиќ), го запишал отец Јустин на Оксфорд. Тој таму до 1919 година ги поминал редовните студии по теологија, издржувајќи се сам а не од стипендиите на англиската влада, но диплома не добил бидејќи докторската теза „Религијата и философијата на Ф.М.Достоевски“ не му била прифатена. Имено, во дисертацијата тој остро го критикувал западниот хуманизам и антропоцентризам, особено оној во римокатолицизмот и протестантството, одбивајќи го барањето на своите англиски професори да ги ублажи и измени овие свои ставови. Набргу по враќањето во Србија, патријархот Димитриј го пратил во Грција. Станал стипендист на Светиот Синод. За време на едно кратко престојување дома, во мај 1920 година, бил возведен во чинот јероѓакон. Во Грција, како и во Русија и во Англија, го запознал тамошниот свет. Особен впечаток на него оставила една постара жена, Гркинка, кај која живеел. За неа тој има кажано дека од неа научил повеќе отколку на целиот Универзитет. Како јероѓакон често сослужувал во грчките храмови. Но, Светиот Синод наеднаш му ја скратил стипендијата на отец Јустин, пред самиот докторат, и тој морал во 1921 година да се повлече во Србија и да стане наставник во Карловачката Богословија. Таму предавал Свето Писмо на Новиот Завет, Догматика и Патрологија. Тука го примил јеромонашкиот чин. Со текот на времето станал уредник на православното списание „Христијански живот“. Познати се неговите написи „Од уредничката маса“. Понекогаш перото му „било поостро“ и се допирало и до некои тогашни неправилности во клирот на СПЦ и во Богословските училишта. Во Карловачката Богословија (во која во меѓувреме бил преместен), некој од работната маса му ја украл докторската дисертација за гносеологијата на свети Исаак Сирин и свети Макариј Египетски. Но за неколку дена ја напишал приближно истата дисертација „Учењето на свети Макариј Египетски за тајната на човековата личност и тајната на нејзиното познание“ и докторирал во Атина во 1926 година. Набргу потоа бил протеран од Карловачката Богословија во Призрен, каде што поминал околу една година, точно онолку време колку што било потребно да згасне списанието „Христијански живот“. За тоа време на Запад, во Чешка се јавува движење меѓу унијатите за враќање во Православната вера. Отец Јустин бил избран за помошник на владиката Јосиф (Цвијовиќ) во мисијата во Прикарпатска Русија. Набргу Светиот Синод одлучил да го назначи за Епископ. Тој го одбил ова, со образложение дека е недостоен за овој чин. После тоа ниту еднаш не бил биран или предлаган за Епископ. Потоа бил поставен за професор во Битолската Богословија. Тогаш целата атмосфера во Богословијата била проникната со подвижничкиот дух и благодатното раководство на професорите Јован Максимович (свети Јован Шангајски и Сан-франциски), Јустин Поповиќ (преподобен Јустин), Кипријан Керн. Тој факт укажува дека во оваа Богословија не преовладувал духот на парадоксалното разминување на схоластичкото образование со живото сведочење на верата, толку типично за богословските институции на 20 век. Учениците на овие свети подвижници подоцна стануваат клирици и вероучители во возобновената Охридска Архиепископија и се иницијатори за основање на новата Богословија во 1967 година, како и на Богословскиот Факултет „Свети Климент Охридски“ во 1977 година. Во Битола авва Јустин ја напишал првата книга од својата „Православна Догматика“. Често го помагал и пишувал пофално за богомолското движење кое го водел светиот владика Николај и бил сотрудник на мисионерското поле со православните Руси – бегалци од црвената револуција. Во 1934 година станал професор на Богословскиот факултет при Белградскиот Универзитет. Бил еден од основачите на Српското философско друштво во 1938 година во Белград. Преведувал богословско-аскетска и светоотечка литература. По избивањето на Втората светска војна, отец Јустин живеел во повеќе манастири. Најмногу време поминал во овчарско-кабларските манастири, во кои и бил уапсен по војната од страна на комунистичките власти. По притворот, се префрлил во манастирот Ќелии кај Ваљево во 1948 година, со благослов на Владиката Шабачко-ваљевски Симеон и игуменијата Сара, која неколку години претходно со неколку свои сестри дошла од манастирот Љубостиње во овој манастир. За самиот живот на отец Јустин во Ќелии може многу да се каже. Постојано бил прогонуван, сослушуван, приведуван од властите. Малкумина биле оние што застанале во негова одбрана. Тоа биле Ќелиските сестри, предводени од игуменијата Гликерија, протоерејот Живко Тодоровиќ – парох на Лелиќ, неговите ученици и останатите почитувачи... Како човек и духовник отец Јустин секогаш бил отворен, полн со љубов за секој човек. Има многу живи сведоштва дека неговата вера и ревносна предаденост на Христос – Вистината, длабоката ученост и мудрост, проникливоста и богоречивоста извршиле пресудно влијание на многумина, па така тој и пред и по војната духовно однегувал и упатил во епископска служба десетина свои ученици, а во свештеничка служба и монашки подвиг на стотици и илјади млади души. Авва Јустин имал дар на плач, молејќи се на секоја богослужба со обилни солзи и спомнувајќи на светата Литургија стотици имиња на живи и упокоени. За неговиот дар на проѕорливост сведочи и неговото слово за великиот старец Клеопа, кој го посетил во манастирот Ќелии и побарал совет дали да остане на Света Гора: „Отец Клеопа, ако отидеш на Света Гора, ќе додадеш уште еден цвет во Градината на Богомајката. Но кому ќе му ги оставиш верните? Таму, оче свет, се молиш само за себе. А во земјата се молиш за сите и можеш да приведеш кон Бог многу души лишени од наставници... Јас велам да останеш во земјата, оче свет, да се спасиш и себеси и да помогнеш во спасението на другите. Тоа е најголемо добро дело на сегашните монаси. Особено сега, кога се бориме со безверието, со сектите, со религиозната индиферентност!“ Бројните теолошки трудови на авва Јустин (околу 40 тома), освен догматика и егзегетика, опфаќаат области од патристиката, аскетиката, литургиката, како и теми од христијанската философија и особено од православната антропологија и од на Православие заснованата философија на културата. Тој ги имал добро совладано и говорел повеќе стари и современи светски јазици: старословенски, грчки, латински, романски, новогрчки, англиски, германски, француски. Отец Јустин се упокои во исто време и ист ден кога е и роден – на празникот на светото Благовештение, на 7 април (25 март) 1979 година. Неговиот спомен ќе се слави на 14 јуни, на денот кога Православната Црква го слави и споменот на свети Јустин Философ.