Житие: Празник на иконата „Достојно е“
Една од најстарите чудотворни икони, наречена „Достојно Ест“, и ден-денес се наоѓа во црквата посветена на Успението на Пресвета Богородица, во Кареја. Имено, според преданието, некаде кон крајот на Х век, недалеку од Карејскиот манастир, во испосница живеел некој светогорски Старец со својот послушник. Еднаш старецот се упатил во блискиот манастир на бдение, оставајќи го послушникот сам во ќелијата. Таа ноќ на послушникот му дошол некаков необичен монах. Тој му се придружил на послушникот во сеноќната молитва кон Бог. Но, кога дошол моментот да се возвеличи Пречистата со познатата химна „Почесна од херувимите...“, непознатиот монах му предочил дека кај него најпрво ја пеат песната „Достојно ест“ и со прекрасен, умилителен глас му ја испеал на послушникот таа песна, а за сето тоа време иконата на Богородица блескала со неземна светлина. На молба на послушникот, непознатиот гостин со прст му ја врежал оваа песна на камена плоча, која под неговите чудотворни раце станала мека како восок. Потоа исчезнал ненадејно, оставајќи завет од тој момент па натаму така да се велича Богомајката. Дури тогаш послушникот сфатил дека неговиот необичен посетител бил архангел Гаврил. Подоцна камената плоча со врежаниот натпис била однесена во Константинопол, а иконата била пренесена во Карејскиот храм, каде и денес ги восхитува бројните посетители на Богородичната Градина.
Тропар
Достојно е, навистина, Тебе да Те прославуваме Богородице, секогаш блажена и пренепорочна и Мајка на нашиот Бог. Почесна од херувимите и неспоредливо пославна од серафимите, Бога Словото девствено што Го роди, Тебе, вистинската Богородица ние Те величаме.