Житие: Блажениот Игор, кнез Черниговски и Киевски
Киевскиот велик кнез Игор Олгович бил поразен во битка во 1146 година и бил заробен од кнезот Изјаслав, кој го затворил во една дрвена колиба, без врата и прозорци, во еден од руските манастири во Јужен Перејаславл. Оддалечен од суетата на овој свет и тешко болен, свети Игор почнал да принесува покајание за своите гревови и побарал благослов да го замонашат. На 5 јануари 1147 година бил замонашен со името Гаврил. Наскоро закрепнал и бил префрлен во Киево-Теодоровиот манастир, каде што добил голема схима со името Игнатиј и целосно се предал на аскетски подвизи. Но, во Киев владееле големи немири. Черниговските кнезови, братучеди на Игор, правеле заговор за да го убијат. Така, додека свети Игор се молел пред иконата на Пресвета Богородица, луѓето се втурнале во црквата и го извлекле надвор. Бил свирепо тепан, влечен по улиците и на крај, неговото безживотно тело било обесено на градскиот пазар. Бил убиен на 19 септември 1147 година, а неговиот спомен се празнува на 5/18 јуни. Иконата на Пресвета Богородица пред која се молел свети Игор пред да го убијат се нарекува Игорска и денес се наоѓа во црквата на Успение на Пресвета Богородица во Киево-печерскиот манастир во Русија. Празникот на оваа икона е на истиот ден кога се празнува и споменот на блажен Игор. По неговите свети молитви се случиле многубројни чуда.