Пролог: Светите маченици Тигриј и Евтропиј
 

 

Житие: Светите маченици Тигриј и Евтропиј

Календар, житија, пости
Почеток
 
Двајцата беа од клирот на Св. Јован Златоуст. Кога злобните луѓе го протераа Златоуст од Цариград, се запали соборната црква, а пламенот од неа се крена и падна врз куќите на гонителите на светителот на Црквата. Народот во тоа го виде прстот Божји, а непријателите на Златоуст овој пожар им го припишаа на неговите приврзаници. Многумина од неговите блиски луѓе пострадаа заради овој настан, а меѓу нив и свештеникот Тигриј и чтецот Евтропиј. Градскиот началник, некој некрстен Грк Оптат, со особена злоба подигна хајка на Златоустовците. Во младоста Тигриј беше роб на еден богаташ, којшто го кастрираше. Штом се ослободи од ропството, тој сиот се предаде на служба на Црквата и во таа служба светеше како светол лач. Тој „кроток, смирен, милостив и гостољубив“ човек Оптат го стави на големи маки, па потоа го прати на робија во Месопотамија, каде што во затвор и се упокои. Евтропиј, девственик од раѓање, чист, непорочен и незлоблив, го биеја со воловски жили и стапови и најпосле го обесија. Кога христијаните го понесоа неговото тело за да го погребаат, во воздухот се чу ангелско пеење.

Тропар
Глаголајќи ја устата твоја вистината, свет Евтропие, ближниот не го осуди, а неправдата како награда ја прими, поддржувајќи го Златоуст великиот. Радувај се, мачениче свет, во водите на мирот и за нас моли се од пределите на љубовта.

Кондак
Кроток, смирен, незлобив, те најде раката Христова, а благодатта душата спремајќи ја во служба Негова те приведе, о мачениче Тигрие. Во твоите молитви злобата човечка потона пред Бога, и затоа зза нас сега застапи се од твоето мирно небесно живеалиште.