Житие: Свети маченици Вит, Модест и Крискентија
Свети Вит е роден во Сицилија, од славни но неверни родители. Модест му беше учител, а Крискентија дадилка. Свети Вит се крсти мошне рано и уште во дванаесеттата година отпочна голем подвиг. Ангели му се јавуваа и го раководеа и го крепеа во подвигот, а и самиот тој беше светол и убав како Божји ангел. На судијата што го тепаше му се исуши раката, а тој со молитва му ја исцели. Татко му ослепе кога во неговата соба виде дванаесет Свети ангели на коишто „очите им беа како ѕвезди, а лицата како молњи“. Но Вит со молитва му го врати видот. Кога татко му сакаше да го убие, на Вит му се јави ангел и заедно со Модест и Крискентија ги пренесе во Луканија, на брегот на реката Силар. И овде Свети Вит покажа многубројни чуда над болните и демоноопседнатите. Повикан од царот Диоклецијан отиде во Рим, каде што го изгони злиот дух од царскиот син, за што царот не само што не го награди туку и луто го мачеше затоа што одби да им се поклони на глупавите идоли. Но од сите овие маки го избави Господ и со Својата невидлива рака го пренесе пак во Луканија, од каде и тој и Модест и Крискентија се преставија кај Господа. Моштите на Свети Вит почиваат во Прага.
Тропар
Благодатта Господова исполнувајќи го срцето твое, те предаде на Духот Свет, Кој преку тебе силата на верата ја покажа, о Вите, младенецу свет Господов, од чудеса безбројни, од богоглаголивост немерлива кулите на лагата се разрушија, и не само Модест и Крискетија, туку и мноштво други се спасија. Молете се за нас, свети маченици, кои Христа Го прославуваме по вашите свети молитви.