Kratok istorijat na crkovnoto prashanje vo R. Makedonija
 
 
 
 
 
 

1) Република Македонија се наоѓа во срцето на Балканскиот Полуостров со површина од 25,713 км2 и со популација од над 2 милиони жители. Република Македонија е матична држава на македонскиот народ и на неколку други малцинства што живеат во неа. Покрај 1,6 милиони Македонци што живеат во Република Македонија (кои се православни Христијани), повеќе од 1,5 милиони Македонци живеат и работат надвор од Македонија (како во соседните земји така и во Европа, САД, Канада и Австралија...).

Неколку години по распадот на СФРЈ, на 8 април 1993, Република Македонија стана 181 членка на Организацијата на Обединетите Народи (ООН), но заради спорот околу името со Република Грција, призната е како Бивша Југословенска Република Македонија. Под нејзиното уставно име „Република Македонија”, досега е призната од повеќе од 100 земји во светот меѓу кои и од Русија, САД и Кина, како и од Србија и Црна Гора, Бугарија, Романија итн.

И покрај јасната одлука на 17 правило на Четвртиот Вселенски Собор, во која се вели дека организирањето на црковните области треба да биде соодветно на државното и граѓанското организирање, на Црквата во Република Македонија од познати политички причини и до ден денес се оспорува правото на самостојност.

2) Од неканонското укинување на автокефалната Охридска Архиепископија во 1767 г., остварено со одлука на турскиот султан, а по барање на Цариградскиот Патријарх Самуил I па сè до Првата светска војна епархиите на сегашна Репубика Македонија се наоѓаат под црковна јурисдикција на Цариградската Патријаршија. После Првата светска војна овие епархии територијално потпаднаа под окупација на Српската држава и затоа преминаа под управа на Српската Православна Црква. Со почетокот на Втората светска војна српските Епископи, заедно со својата војска и полиција, ги напуштија овие епархии со кои управуваа само 20 години и на нивно место дојдоа Епископите на Бугарската Православна Црква. По Втората светска војна Република Македонија егзистира како посебна федеративна држава во состав на Социјалистичка Федеративна Република Југославија.

По завршетокот на Втората светска војна свештенството и православните верници на Р. Македонија побараа од Српската Православна Црква (СПЦ) да им ракоположи домородни епископи, заради поголема пастирска стабилност и ефикасност на Црквата. На 5 октомври 1958 година со одлука на Црковно-народниот собор во Охрид Епископот Доситеј, родум од Македонија, Викар на Српскиот Патријарх Герман, е востоличен за 83 Архиепископ на возобновената Охридска Архиепископија, која заради државата во којашто дејствува го доби името Македонската Православна Црква, а тој - титулата Архиепископ Охридски и Македонски.

Светиот Архиерејски Собор на СПЦ во јуни 1959 година донесе одлука (АС. бр. 6/зап. 57) со која потврдува дека „епархиите во Р. Македонија се издвоиле во САМОСТОЈНА Црква која што ќе се управува со Уставот донесен на македонскиот Црковно-народен собор од 1958“ и дека „со оваа одлука престануваат да важат прописите на Уставот на СПЦ за епископите и архиереите на Народна Република Македонија“. Поради потребата од формирање на самостоен Синод, Српскиот Патријарх Герман, Архиепископот Охридски и Македонски Доситеј , како и Бачкиот епископ Никанор, на 19. 07. 1959 во Скопје го хиротонисаа новоизбраниот епископ Преспанско-битолски Климент. Со тоа се создадоа услови за формирање на Свет Архиерејски Синод на Македонската Православна Црква. За сето ова Патријархот Српски Герман со свое писмо, заведено под синодски бр. 515, од 31 мај 1961 година, го извести и Цариградскиот Патријарх Атинагора.

На 16 јули 1967 година Македонската Православна Црква, возобновената Охридска Архиепископија, на Црковно-народен собор во Охрид, согласно дотогаш востановената пракса на други Цркви, е прогласена за автокефална помесна Православна Црква, после што СПЦ еднострано ја прекина евхаристиската заедница со неа. Сослужувањето на Епископи од МПЦ со Епископи на други Православни Цркви и до ден денешен се случува, само неофицијално и без јавно објавување. Архиепископот Охридски и Македонски на Великиот вход секогаш ги спомнува имињата на Поглаварите на помесните Православни Цркви.

3) Согласно својот Устав и во своето дејствување и учење, Македонската Православна Црква ги чува светите Догми и светите Канони на Православната Вера утврдени на светите Вселенски Собори, како и целото Свето Предание на Црквата наследено од светите Апостоли и од светите Отци просветлени од Божествениот Дух.

4) Македонската Православна Црква има 13 епархии, од кои 7 се во Република Македонија и 6 во дијаспората. Со епархиите моментално управуваат 10 епископи на кои им помагаат над 500 активни свештеници. МПЦ има околу 500 парохии, со повеќе од 2000 цркви и манастири. Пред десет години се возобновија околу дваесетина манастири во кои денес живеат повеќе од 100 монаси и монахињи. Со осамостојувањето, Македонската Православна Црква има основано Средно Богословско Училиште и Православен Богословски Факултет во Скопје.

5) Македонската Православна Црква ја почитува и никогаш не се меша во канонската јурисдикција на останатите помесни Православни Цркви.

6) Со Нишкиот нацрт-договор во 2002 г. помеѓу Македонската и Српската Црква, беа задоволително решени сите спорни канонски и литургиски меѓусебни проблеми на двете Цркви. Единствен спорен проблем за СПЦ остана името на нашата света Црква и нејзиниот статус. Нашата Црква од пастирски причини инсистираше на името 'Македонска Православна Црква' и на самостоен статус, додека Српската Православна Црква, од политички причини (не го признава постоењето на македонскиот народ), инсистираше на името Охридска Архиепископија и на автономен статус. Сите теолошки и историски факти укажуваат дека проблемот на името на нашата Црква нема црковна, туку чисто политичка основа; додека терминот којшто ќе го формулира нејзиниот организационен статус, односно 'автономија' или 'самостојност', нема суштинско туку само формално значење, со оглед дека суштината на самиот статус беше дефинирана со содржината на Нишкиот нацрт-договор. По отфрлањето и на овој работен документ, и тоа главно заради несогласувањето околу името, и откако Српската Православна Црква сфати дека нема да успее да го смени нашето име, таа еднострано ги прекина разговорите со Македонската Православна Црква и оттогаш па наваму се обидува да организира паралелна црква во Р. Македонија преку поддршката што му ја дава на расчинетиот од нашата Црква бивш Повардарски Митрополит. Му благодариме на Бога што досега секој обид на СПЦ да го подели нашиот православен народ и да формира паралелна црква остана безуспешен. Заради погрешниот пастирски пристап, СПЦ никогаш не го доби и никогаш нема да го добие литургиското „амин“ на православниот народ во Р. Македонија, без кое пак, ниту една нејзина одлука не важи и ништо не може да направи на нашите простори.

7) Слични спорови во Православната Црква и досега постоеле, но се решавале и во пократок рок и на братољубив начин. Ова е особено важно од причина што живееме во време на суптилен прогон на Црквата, а и заради сведоштвото на Христос коешто светот го очекува од нас. Со автокефалната Американска Православна Црква, која освен Руската никој друг не ја признава, сите сослужуваат. Албанската Православна Црква, иако неорганизирана, со самото поставување на Архиепископот Анастасиос беше призната како автокефална. Грузиската Православна Црква, набрзо по осамостојувањето на Грузиската држава од бившиот Советски Сојуз, доби томос за автокефалност од Цариградската Патријаршија итн.

8) Со оглед дека сите информации што се добиваат посредно или од оние коишто нè негираат страдаат од едностраност и од пристрастност, многу би се радувале кога официјална или неофицијална делегација или пратеник на Вашата света Црква, јавно или без информирање на јавноста, би ја посетиле Македонската Правослвна Црква и лично би се увериле во погоре напишаното, односно дека сме жива, организирана и активна Православна Црква. Црква која постојано ја живее Тајната на Распетието и Воскресението Христово, Ваша помесна сестра–Црква.

9) После повеќе неуспешни обиди да се најде решение со Српската Православна Црква, Светиот Синод на Вселенската Патријаршија, со своја одлука од 30 мај 2018 година, одлучи да се заземе за решение на проблемот со признавањето на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија, и да ги преземе потребните чекори, според неприкосновените права на историските и канонски надлежности и привилегии на првопрестолната Вселенска Патријаршија.