Порака за почетокот на црковната нова година
 
 
 
 
 

Порака за почетокот на црковната нова година (14.09.2025 14:48)

† Β Α Ρ Т Ο Л Ο Μ Е Ј

ПО МИЛОСТА БОЖЈА АРХИЕПИСКОП НА КОНСТАНТИНОПОЛ –

НОВ РИМ И ВСЕЛЕНСКИ ПАТРИЈАРХ

ДО СЕТА ПОЛНОТА НА ЦРКВАТА БЛАГОДАТ, МИР И МИЛОСТ

ОТКАЈ СОЗДАТЕЛОТ НА СЕТО ТВОРЕНИЕ

ГОСПОД И БОГ И СПАСИТЕЛ НАШ ИСУС ХРИСТОС

 

* * *

            Сечесни браќа Јерарси и благословени чеда во Господа,

Според благоволението на седародавецот Бог, денес влегуваме во новата црковна година, славословејќи го Неговото наднебесно име за непрекинатото и изобилно плодоносие на иницијативите на Неговата Света и Велика Црква во областа на заштитата на творението. Вселенската Патријаршија не само што навремено ја посочи сериозноста на еколошките проблеми, туку го насочи вниманието кон нивните причинители – нивните внатрешни, духовни и морални корени – и предложи решенија врз основа на православниот евхаристиски и аскетски етос.

 

            Православието како вера, како божествено богослужење и сведоштво во светот, е домољубива форма на христијанството. Во тоа значење, прогласувањето на празникот на Индиктот за Ден на молитва за заштита на природната средина не беше просто реакција на современата еколошка криза, туку последица и продолжение на животот на Црквата како „применета екологија“. Од почетокот го прогласивме и неразделното единство на почитта кон созданието и човечкото лице, и го истакнавме заедничкиот корен и меѓузависноста на еколошките и општествените проблеми. Оддалечувањето од Бога раѓа став и однесување на присвојување и експлоатација – и кон творението и кон ближниот, додека животот во Христа и според Христа претставува извор на еколошка чувствителност и човекољубиво дејствување. Според Господовото слово: „Секое добро дрво раѓа добри плодови, а лошото дрво раѓа лоши плодови. Не може добро дрво да дава лоши плодови, нити лошо дрво да дава добри плодови“ (Матеј 7:17–18).

            Почитта кон духовните вредности го заострува нашето чувство за доброто и за тоа што треба да се практикува. Рамнодушноста кон Трансцендентното и придружниот „антропоцентризам“ водат до затворање на човекот во земното, до стеснување на неговата слобода во прагматични избори и одлуки, кои секогаш се испреплетени со површни разгледувања на работите и со поистоветување на доброто со „прифатливото во дадените околности“. Современото слово за „еколошко покајание“, покрај повикот кон покајание за извршената еколошка штета и кон радикална промена на менталитетот и однесувањето спрема созданието, укажува и на потребата да се надмине погрешниот став што ја темели перцепцијата на разорниот за природната средина „самоуправен економски режим“ како единствен пат кон развојот, и кој го храни наивното верување во способноста на природата да се обновува сама од себе во вечноста, покрај човечките оптоварувања, како што се засилените климатски промени и нивните разорни глобални последици. На сето ова денес се надоврзува и пандемониумот од воените врисоци, бомбардирањата, ракетните напади и експлозиите, кој го покрива вресокот на невините жртви на безмилосното насилие и лелекот на созданието. Иднината на животот на нашата планета или ќе биде еколошка и мирољубива, или ќе биде непостоечка.

            Вселенската Патријаршија, заедно со борбата за мир, справедливост и солидарност, ќе продолжи да биде предводник во заштитата на природата, во истакнувањето на еколошката тематика како централно прашање во меѓухристијанскиот и меѓурелигискиот дијалог, како и во промовирањето на значењето на христијанските домољубиви принципи и традиции во рамките на меѓународните институции, еколошките организации, научните институти и општеството на граѓаните. Сигурни сме дека соработката во областа на екологијата ја зајакнува свеста за заедничката одговорност кон патот кон иднината и создава нови поволни перспективи.

            Се навраќаме на она што го спомнавме во едно наше претходно Соопштение и повторно ги повикуваме Епархиите на Мајката Црква ширум вселената, парохиите и светите Манастири, да развијат усогласени дејства и конкретни иницијативи за мобилизирање на верните, со нагласок на воспитувањето на новото поколение. Спроведувањето на еколошките последици од нашата вера во праксата претставува одлучувачка димензија на нашата православна идентитетска особеност.

Во овој дух, посакувајќи ви на сите вас среќна и многуплодна со добри и богоугодни дела нова црковна година, ги повикуваме чедата на Светата Христова Голема Црква ширум потсончевието да живеат домољубиво и братољубиво, да се молат за творението и за мирот, да се подвизуваат за целовитоста на природната средина и за нејзината одржливост, како и за утврдување на културата на солидарноста. И врз сите вас ја призиваме, по застапништвото и заштитата на Пресвета Богородица Себлажена, животворната благодат и големата милост на семоќниот Создател на сè и семилостив Бог на љубовта.

Благословена црковна година, браќа и чеда во Господа!

 

1 септември 2025

† Константинополскиот

Ваш огнен молитвеник кон Бога

 

Извор: Бигорски манастир