Соопштение (25.11.2026 17:17)

На покана од Неговата Светост, Патријархот Московски и на цела Русија г. г. Кирил, а со благослов на Неговото Блаженство, Архиепископот Охридски и Македонски г. г. Стефан, од 19 до 24 ноември 2026 година, делегација на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија престојуваше во Москва во повеќедневна посета, при што зеде учество во свеченостите по повод 80-от роденден на Поглаварот на Руската Православна Црква, Неговата Светост, Патријархот Московски и на цела Русија г. г. Кирил. Делегацијата ја сочинуваа Митрополитот Дебарско-кичевски г. Георгиј и Епископот Хераклејски г. Климент.
На 20 ноември, кога беше одбележан значајниот јубилеј на Неговата Светост, Патријархот г. г. Кирил, архијереите на Македонската Православна Црква сослужуваа на Божествената Литургија во Соборниот храм „Христос Спасител“, по што присуствуваа и на свечениот прием приреден по богослужбата. Следниот ден делегацијата го посети ставропигијалниот машки манастир посветен на Сретението Господово. Во продолжение на посетата, во Патријаршиската и Синодалната резиденција при Даниловиот манастир во Москва, архијереите остварија средба со Неговата Светост, Патријархот г. г. Кирил, при што лично му ги пренесоа честитките и срдечните желби од Неговото Блаженство, Архиепископот г. г. Стефан.
На 22 ноември, во Покровскиот ставропигијален женски манастир, Митрополитот Дебарско-кичевски г. Георгиј и Епископот Хераклејски г. Климент сослужуваа на Божествената Литургија, отслужена по повод одбележувањето на денот на раѓањето и именденот на блажената Матрона Московска. Истата вечер, членовите на делегацијата присуствуваа на свечениот концерт посветен на 80-годишнината од раѓањето на Неговата Светост, Патријархот Московски и на цела Русија г. г. Кирил, кој се одржа во Салата на црковните собори при храмот „Христос Спасител“ во Москва.
На 23 ноември, архијереите на Македонската Православна Црква ја продолжија својата посета со обиколка на древните соборни храмови во Московскиот Кремљ.
На 24 ноември, при заминувањето на делегацијата од Москва, на аеродромот „Шереметјево“ гостите ги испратија Архиепископот Пјатигорски и Черкески г. Теофилакт и соработникот на Одделот за надворешни црковни врски на Московската Патријаршија С. А. Бекешченко.
Од канцеларијата на САС на МПЦ – ОА